„Секој петок по една“ – Варта не беле

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Варта не беле

Меѓу д-р Кирчо Т. и мајсторите

Пишува: Доне Донев


Доктор Кирчо беше мошне учтив, мирен, скромен. Го знаев од полето, од нивите. Заедно одевме на бавча и заедно се дружевме. Почина многу млад. Бог да му душа прости. Тој раните осумдесетти години на минатиот век правеше куќа. Брзо му одеше работата Стигна и до белење.

Ми раскажуваше мајсторот Митко (го викаат Жути, инаку познат како најдобар мајстор по белење во градот) кога работеле кај д–р Кирчо направиле вар за варосување во едно буре, за да не слегуваат често да прават, туку само да варосуваат (белат). Било летно време.

Многу топло. Газда Кирчо не им дал ниту вода, а камоли пиво. Некој од мајсторите викнал:

-А бе газда, од дека купува оваа вар? Ич не беле. Не се фаќа за ѕидо. Да не одеш да даваш дупли пари и да купуваш друга вар, оди земи три-четири пива да ги ставеме у бурето да може варта да беле и да лепе.

Отишол д-р Кирчо по пиво. Купил четири пива и се вратил.
Отворил едно и само што почнал да го истура во бурето, го видел мајсторот Митко и му рекол:

-А бе докторе, „не лепе“ оти не даваш по едно пиво да се напиеме, а не оти е варта лоша. Дај вамо пивото да се напиеме, варта убаво лепе и убаво беле./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: И.Матеничарски

Сподели: