Непрописно паркирани автомобили пред подземните контејнери на КЈП „Водовод“ го отежнуваат одлагањето на отпадот од страна на вработените во кочанското комунално претпријатие.

Честопати автомобили го блокираат пристапот до подземните контејнери при што кочанските комунални возила немаат соодветен простор да пристапат и да го празнат насобраниот смет во нив. Комуналните работници го подигаат само отпадот којшто е пред контејнерите додека подземниот смет во контејнерите останува се до ослободување на пристапот.
Oколу насобраниот смет во контејнерите и до нив, до интернет-порталот „Гласно“ граѓани испратија реакција која ја пренесуваме во целост:
Почитувани,
ние граѓаните кои живееме во централното градско подрачје последните денови сме сведоци како вработените во комуналното претпријатие задолжени за собирање на ѓубрето не го собираат отпадот од контејнерите. Ваквата ситуација се повторува секое утро, вработените само поминуваат и собираат по некое ќесе или вреќа, а контејнерите не се истовараат во камионите и не се празнат.
Особено сме загрижени поради тоа што веќе неколку денови не се подигнати повеќето подземни контејнери и истите не се испразнети воопшто. Поради ова граѓаните се приморани наместо во садовите т.е. подземните контејнери, своето ѓубре да го оставаат до подземните контејнери или до контејнерите на улиците, а тоа подоцна е разнесено од кучињата скитници оставајќи грда слика за нашиот град.

Бараме Водовод да ги подигне подземните контејнери навреме и да го изнесе ѓубрето за да не се дозволи ширење на непријатна миризба како и ширење на заразни болести од ѓубрето кое стои таму повеќе денови.

Се надеваме дека нашата граѓанска реакција ќе биде примена добронамерно од раководството на Водовод и во иднина нема да има проблеми со изнесувањето на ѓубрето за која услуга дебело плаќаме, стои во реакцијата.
