Во извлекувањето учествувале и пожарникарите кои, поради стрмниот терен, го врзале превртеното возило со јажиња за да не се излизга дополнително
Едно лице загина, а две се потешко повредени во тешка сообраќајна несреќа што околу три часа по полноќ се случи во месноста Аеродром на Пониква.
Возило „фолксваген туарег“ со бугарски регистрации, кое се движело во правец на Кочани, наместо да сврти десно кон градот, продолжило право и излетало во бездната висока неколку десетици метри.
„Изутринава околу 3:15 часот добивме повик за интервенција за спасување повредени лица од сообраќајната несреќа кај Аеродромот, при што од превртеното возило извлековме безживотно тело на девојче кое настрадало на лице место. Другите две лица, момче и девојче кои се здобиле со потешки повреди беа префрлени со возило на итна помош во кочанската болница. Поради специфичноста на стрмниот терен и можноста возилото дополнително да излизга, бевме принудени да го осигураме со јажиња“, изјави Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.
Трите лица кои се наоѓале во превртеното возило се од кочанскиот регион и се на приближно иста возраст.
Увид на местото на настанот извршија јавен обвинител и екипа од Полициската станица од Кочани.