Износ од 1 милион и 800 илјади денари на ОУ „Никола Карев“ и 6 милиони и 800 илјади денари на СОУ „Гошо Викентиев“ се каматните побарувања на превозникот „Авто Атом“ за задоцнето плаќање на натрупаниот долгогодишен долг за превоз на учениците.
Новата гарнитура во локалната самоуправа во 2017 година од претходната локална власт наследи огромен долг во делот на образованието, кој најголем дел се однесуваше за превозот на учениците, долг кој за релативно кратко време комплетно беше подмирен.
– Се соочуваме со проблем во две училишта во Кочани каде се доставени налози за плаќање на камата за долг од 2013 година. Оваа камата нема никаква поврзаност со раководењето на локалната самоуправа и на училиштата од оваа гарнитура, туку тоа се долгови кои ние ги наследивме и ги подмиривме. Се работи за прилично големи средства. Јас заедно со раководството на локалната самоуправа имав разговор со сопственикот на „Авто Атом“ каде што го изразивме нашето негодување од целокупната ситуација. Можеби правно и од бизнис логиката сопственикот е во право, меѓутоа кога ќе направиме анализи за сето она што се случувало и како и од кога е направен долгот, тогаш сметам дека има простор за разговор и за изнаоѓање на едно компромисно решение кое ќе биде на задоволство на двете страни, изјави градоначалникот Илијев.
Илијев додаде дека превозникот „Авто Атом“ и раководствата на двете училишта ќе мора да изнајдат заедничко прифатливо решение , а притоа превозникот да ја има предвид моменталната состојба и справувањето со Ковид – 19 како и брзината на исплаќање на огромниот наследен долг од околу 43 милиони денари.