Активен е пожарот кај планинското село Костин Дол, на помош е Армијата

Се уште е активен пожарот кај планинското село Костин Дол, на непристапен терен  каде горат десетици хектари со дабова и букова шума и нискостеблеста вегетација, а во гаснењето ангажирани се повеќе од 100 лица.

Непристапниот терен и ветарот дополнително ја отежнува интервенцијата на ангажираните служби поради што огнот често го менува правецот на движење.

-Се работи за непристапен терен и во моментот огнот се контролира од околу осумдесет војници од Армијата, мешани екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и ЈП „Национални шуми“.  Огнот е саниран од три страни, додека екипите сега се насочени кон северната страна на локацијата. Според последните информации на помош повторно се активирани хеликоптерите на Армијата и се очекува во секој момент да продолжи гаснењето од воздух, информираше за интернет-порталот „Гласно“, командирот на ТППЕ – Кочани, Благој Паунов.

Пожарот во атарот на селата Костин Дол и Ново Село е активен уште од вчера,  но приоритет се даваше на гаснење на пожарот во околината на Драчевиќ и Тркање. Причина за пожарот како што информираа од Центарот за управување со кризи  е паднат далековод.

И.Матеничарски

Сподели: