Амбасадата на Сојузна Република Германија денеска во Кочани изврши официјалното примопредавање на разновидна опрема на Доброволното противпожарно друштво – Кочани, наменета за интервенции во случај на пожар, поплави, сообраќајни незгоди и други природни катастрофи.
Донацијата се состои од десет интервентни чизми, две турбоматик млазници, две моторни пили, потопни пумпи, рачни мобилни радио станици за членовите и статични радио станици за возилата како и три контејнери за селекција на отпад.
– Донираната опрема за ДПД-Кочани е од големо значење затоа што со неа ќе ги подигнеме нашите капацитети на делување, а со тоа и граѓаните ќе добијат подобра услуга од наша страна. Преку проектот за донација, ДПД – Кочани оствари уште една приоритетна цел за 2023 год. Станува збор за набавка на три контејнери што ќе служат за собирање и селекција на отпад. Наши членови ќе селектираат отпад и истиот ќе биде одлжен на фирма која го откупува. Со таква активност ќе овозможиме собирање на финансиски средства и делумно самофинансирање, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Донацијата е во рамки на проект на Амбасадата на Сојузна Република Германија финансиран од фондот Мали проекти на Германската Амбасада.
– Амбасадата го поздравува хуманиот доброволен ангажман на членовите на ДПД-Кочани, кои освен во вид на помош во цивилната заштита се активни и во областите на заштита на животната средина и обуки на најмладите во различни области. Особено го поздравуваме вклучувањето на жените во нивните активности, истакнаа од Одделението за економија и економска соработка при Амбасадата на СР Германија во Р. Македонија.
Од ДПД-Кочани се заблагодарија за донацијата која ќе биде од голема корист во нивното работење, особено во ситуации кои го загрозуваат животот и имотот на населението и стопанските субјекти.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов