Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј во посета на Кочани


Амбасадорката на Обединетото Кралство во РС Македонија, Рејчел Галовеј денеска го посети Кочани и во Инфоцентарот на Пониква оствари официјална средба со градоначалникот Николчо Илијев.

– Оваа средба е многу значаен момент за мене лично, а секако и за граѓаните на општината. Во разговорот отворивме повеќе теми, ја претставивме нашата локална самоуправа, нашите стопански потенцијали и сѐ она што е карактеристика на нашето поднебје. Се заложив за интензивна соработка на нашите стопански комори со стопанственици инвеститори од земјата што ја претставува и за поврзување со бизнис-партнери од нашата општина – соопшти по средбата Илијев.

Градоначалникот ги опиша тековните инфраструктурни проекти во Кочани и актуелните инвестиции на Пониква.

– Многу ми е драго да слушнам за позитивните работи што се случуваат во општината, за проектите што се имплементираат, како и за фактот што Осоговските Планини сега се прогласени за заштитен предел – изјави амбасадорката на Обединетото Кралство.

Во рамките на посетата, Галовеј се сретна со претставници на Советот на Општина Кочани изразувајќи задоволство од неговата конструктивна работа и соработката за клучните прашања од интерес на граѓаните.

Амбасадорката на Обединетото Кралство ги посети и претставниците на ромската заедница каде се имплементира проект финансиран од британската влада, се запозна со поставките во Етнокуќата, а во Подлог ја посети Фабриката за преработка на ориз „Даниво“.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial