Вработените во „Амфенол Технолоџи Македонија“ го прославија 8. роденден на компанијата која е една од најуспешните во Македонија. На роденденската свеченоста организирана во кругот на фабриката беа врачени награди и признанија на најдобрите работници во „Амфенол“ за изминатата година, како и награди за лојалност на околу 300 вработени кои наполниле 5 годишен непрекинат работен стаж во компанијата.
На прославата пред вработените се обрати генералниот директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“, Сашко Наков, кој се заблагодари на вработените за посветеноста и лојалноста кон компанијата, при што најави дека „Амфенол“ продолжува по патот на успехот и развој на компанијата во годините што следуваат.
– „Амфенол Технолоџи Македонија“ во изминатите осум години прерасна во сериозна компанија во регионот и државата. За 2020 година сме 7 најголем извозник во државата, резултат што е за почит и што е постигнат заеднички со сите вас. „Амфенол“ е најголем работодавач во регионот, со 2300 вработени и тоа се резултати што ни даваат за право на сите на сите да бидеме горди што сме дел од „Амфенол“. Во изминатиов период направивме нова зграда од 3500 квадратни метри која е веќе ставена во функција, имаме нова најсофистицирана опрема која е последен збор на технологија за производство на кабли за автомобилската индустрија. Дефинитивно не очекува раст во наредниот период, што значи подобри услови за работа на сите во компанијата и бенефит за заедницата во која опстојуваме, истакна Сашко Наков, генерален директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.
Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ своето работење го започна во 2013 година. Во текот на осумгодишното постоење, „Амфенол“ забележа значителен раст на производството и вработените, проширување на производствените капацитети, за денес да биде една од најуспешните компании во Македонија, со 2300 вработени, која е една од седумте најголеми извозници во Македонија.
Својата општествена одговорност кон заедницата, „Амфенол“ неколкупати ја прикажа преку донации за училиштата во Кочани, Општата болница, а по повод роденденот од „Амфенол“ најавија донација за изградба на детско игралиште во градинката на улицата „Скопска“ во Текишински лозја.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов