„Амфенол Технолоџи Македонија“ домаќин на работна средба на 30-тина најуспешни странски компании во Македонија

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ денеска беше домаќин на работна средба помеѓу 30-тина претставници на странски компании членови на Советот за странски инвестиции при Стопанската комора на Македонија.

На работната средба, помеѓу останатите гости присутвуваше и заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи како и претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.

– Имаме задоволство да бидеме домаќини на редовна квартална средба што ја организираме со Советот на странски инвестиции со Владата и Вицепремиерот за економски прашања. Ова е редовна координација што ја извршуваме три до четири пати во годината и направивме преглед на претходните активности и отворивме нови прашања кои ги засегнуваат компаниите. Лично сметам дека средбата помина во конструктивна и коректна атмосфера, истакна Сашко Наков, генерален менаџер на „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Ваквите работни средби преку дијалог со странските компании имаат за цел да креираат економски политики кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на домашната економија и создавање на цврсти основи на нејзиниот одржлив раст и развој.

– Зборувавме за повеќе актуелни прашања и владини политики кои директно влијаат на работата на странските компании во земјава, како и за тоа како да ја засилиме дополнително предвидливоста и атрактивноста на деловното опкружување за нови инвестиции. Владата креира системски решенија за унапредување на деловното опкружување и во оваа насока се подготвуваат измени на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со кои компаниите ќе може да очекуваат 100% исплата на финансиската поддршка, соопшти Вицепремиерот за економски прашања, Битиќи.

И. Матеничарски

Сподели: