Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ ја завршува 2024 година со раст од 10 отсто на производството споредбено со ланскиот период што се одлични и предизвикувачки резултати, соопшти Сашко Наков, генерален менаџер на компанијата на денешната прес-конференција со медиумите.

– Би сакал да направам краток осврт на 2024 година за постигнатото. „Амфенол Технолоџи Македонија“ како компанија може да се пофали со одлични резултати во годината што изминува, растот е некаде околу 10 проценти што во овие услови и предизвикувачка година е одлично. Благодарност до сите вработени, до тимот за се што е направено во 2024 година. Имавме доста нови проекти, нови процеси и нова бизнис единица, мислам дека можеме да бидеме задоволни и горди на постигнатото. Стигнавме до бројка од околу 3200 вработени. Извозот е зголемен за десетина проценти и повторно сме во групата на првите 5 компании извозници од Македонија. Сите тие параметри даваат за право да бидеме горди што сме дел од Амфенол и уште еднаш да се заблагодарам на сите вработени, соопшти Наков.

Во 2025 година компанијата „Амфенол Технолоџи Макеоднија“ влегува во нови предизвици за да се задржи и зголеми планираниот раст. Се подготвува нова деловна единица која стартува со работа од јануари.
– Што се однесува за 2025 година и покрај сите предизвици нашите предвидувања се дека ќе го задржиме растот, очекувам дека ќе бидеме минимум околу растот во 2024 година, 10- тина проценти во секој поглед. Почнавме со подготовки за нова хала во автомобилскиот дел, и таму планираме една нова димензија, процеси кои ќе бидат нови за нас и бараат се повеќе автоматизација и знаење на вработените. Тоа е предизвик за сите и можност за унапредување и усовршување. Втората работа е почнуваме со новата 10-та деловна единица – профитен центар во „Амфенол Технолоџи Македонија“. Подготовките се во тек и стартуваме од јануари. Имаме веќе готова зграда која ја адаптираме и тоа би биле поглавните активности кои ги очекуваме во 2025 година. Го зголемуваме нашето портфолио на подготовка на уреди за тестери за надградба на опремата за алати и алатница и имаме се повеќе компетентост и експертиза кај нас. Мислам дека тоа е патот за еден одржлив раст и систем којшто сакаме да го постигнеме. Сигурен сум дека тимот и вработените веќе се докажани и очекувам дека и овој предизвик во 2025 година ќе биде во потполност исполнет. Ние секогаш сме амбициозни и се надеваме на околу 200 милиони евра извоз во следната година тоа се таргетите кои лично ги поставуваме со тимот, додаде генералниот директор Наков.

На прес-конференцијата беше речено дека „Амфенол Технолоџи Македонија“ постојано ги зголемува платите за да ги мотивира и задржи своите вработени.

– Се друго што ќе биде како обврска за нас ќе го испочитуваме и соодветно ќе го следиме. Најважно е дека минималната плата доведува до корекции на сите плати. Во сите предизвици и кризи, вработените на Амфенол секогаш биле заштитени. За квалтиетните и лојални вработени секогаш имаме изнајдено начин како да ги заджиме и наградиме. Наша цел е вработените да ја чуствуваат компанијата како своја компанија која ќе им врати соодветно на тоа, заврши Наков.
Во 2025 година продолжува приватното здравствено осигурување за сите вработени во компанијата.