Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ по повод својот осми роденден финансираше и донираше средства за изградба на детско игралиште во градинката „Павлина Велјанова“ во Кочани.
Детското игралиште е лоцирано во дворот на Клонот 3 на детската градинка во Текишински лозја, на површина од околу 50 метри квадратни каде се поставени најразлични реквизити за забава на најмалите.
-Денес имаме задоволство да направиме увид во завршните работи на детското игралиште во детската градинка кај Текишински лозја. Станува збор за комплетно завршено детско игралиште, истото е ставено во функција и оваа донација е по повод 8 години постоење на „Амфенол“ во Македонија. Се надевам дека наредниот период ќе имаме можности за донации и за други локации во детската градинка, тоа е еден наш придонес како општествено одговорна компанија за заедницата во која живееме, истакна Сашко Наков, генерален директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.
Во знак на благодарност, директроката на ДГ „Павлина Велјанова“, Едита Миткова врачи благодарница за донацијата и за успешната соработка со „Амфенол“.
-Голема благодарност до „Амфенол Технолоџи Македонија“ што не ги заборави нашите најмали со донацијата на детското игралиште кои се иднината на нашиот град. Се надеваме дека како што кажа Сашко Наков, соработката ќе продолжи и понатаму, додаде Миткова.
Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ и периодов што измина беше вклучена во разни донаторски акции од локално значење за заедницата.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов