24- годишниот Андреј Митев од Кочани беше најсреќниот и успеа прв да го извади Светиот крст од водите на Кочанска река, по повод празникот Богојавление – Водици.
На традиционалната верска манифестација, Митев беше најбрз од 51-те пријавени момчиња кои оваа година скокнаа по крстот. За Митев ова е прва среќа.
– Прв пат се фрлам по крстот и го фатив. Нека Светиот крст донесе многу здравје, радост и благосостојба во домовите на сите христијани. Бог се јави, за многу години Водици христијани, изјави Митев
Храмот „Св. Вмч Георгиј“ го даруваше Митев со Библија, традиционално, градоначалникот Љупчо Папазов во името на граѓаните на Кочани му подари златник, а компанијата „Зегин“ вредносен ваучер.
Чинот на осветување на водите на Кочанска река и потопување на Светиот крст го изврши Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужителство на свештеници од храмот „ Св. Вмч Георгиј“ – Кочани. Претходно, во кочанскиот црковен храм се одржа Света Божествена литургија и традиционална лицитација на икони од страна на верниците.
– Бог се јави. Нека е честит и вечен празникот. Мир и благослов Божиј на сите луѓе. Денеска како и сите години традиционално го прославуваме Господовиот празник – Богојавление, кога Бог, Света Троица се јавува на вселената на човечкиот род и традиционално го спуштаме крстот во водите симболизирајки го крштевањето Господово и осветувајки ги водите на Кочани. Нека е честит и вечен празникот, Бог се јави – рече Владиката Иларион.
Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно – верски манифестации. Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на Кочанска Река присуствуваа голем број верници.
И. Матеничарски