А1 Македонија донира за Општина Кочани за санација на опожарените предели

Свесни за огромните штети од големата огнена стихија што го зафати ридско-планинското подрачје околу Кочани во која изгореа десетици хектари шума, А1 Македонија донира садници за Општина Кочани со која компанијата дава придонес во обновувањето на шумскиот фонд. 

„Непроценливи се штетите од пожарите кои го зафатија кочанскиот предел ова лето. Солидарно, за жителите на општина Кочани помагаме во санирањето на штетите нанесени од оваа природна катастрофа и донираме садници од видот јасен како почеток во обновувањето на опожарениот предел. Веруваме дека со оваа донација даваме придонес за враќање на природниот баланс и обновување на биодиверзитетот во кочанскиот предел. А1 Македонија посветено работи на заштитата на животната средина и цврсто ја следи својата определба да донира онаму каде што е најпотребно, а со тоа да издвои од компаниските приходи за активности кои се значајни за целата заедница“, изјави Методија Мирчев, извршен директор на А1 Македонија.

„Изразувам огромна благодарност на А1 Македонија, која својата општествена одговорност ја покажува во заштитата на животната средина, односно во повторното озеленување на опожарените локации. Последиците од пожарите што го зафатија Кочани и Кочанско се санираат побрзо  со помошта и солидарноста од пријателите, поддршка чија благодет ќе ја чувствуваат и идните генерации. Од садниците ќе формираме заштитен зелен појас во населбата Драчевик, во делот каде домовите на нашите сограѓани беа најзагрозени од пожарот“, изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Донацијата за Кочани е една од низата активности насочени кон грижата за животната средина кои компанијата ги реализира во месец септември, по повод вториот роденден на А1 брендот на македонскиот пазар.

Сподели: