Над 200 дечиња и млади утрово учествуваа на Бадниковата поворка во Кочани во рамки на чествувањето на христијанските празници Бадник и Божиќ.

Пеејки ја песната „Вечниот Бог“ и носејки ја пештерата што го симболизира Христовото раѓање, со ѕвезди во рацете бадникарите утрово низ кочанските улици го најавија Христовото рожденство.

– Продолжуваме со традицијата Бадникови поворки, каде што нашите најмили, дечињата, најмладите со ѕвезди во рака пеејки достоинствени христијански песни во кои се опева раѓањето на Христос дефилираа низ градските улици и притоа ја соопштија веста за Христовото рожденство, истакна Димитар Арсовски, свештеник од храмот „Св. Вмч. Георгиј“ – Кочани.

Поворката тргна од православниот храм „Св. Вмч. Георгиј“ и продолжи по улиците во централното градско подрачје. На младите бадникарчиња им се придружија поголем број верници и граѓани, по што заедно се упатија пред зградата на Општина Кочани, каде ги пречека градоначалникот Љупчо Папазов со своите соработници.

– Посакувам да бидете добри деца на вашите родители, одлични ученици на своите наставници, имајте добро здравје, весело детство и многу радости. Нека е за многу години Бадник и Божиќ, истакна градоначаникот на Кочани, Љупчо Папазов.

За сите учесници во поворката Локалната самоуправа на Кочани обезбеди коледарски подароци. Манифестацијата се одржува по четврти пат, по двегодишен прекин поради Ковид пандемијата.

Бадникарите потоа се упатија кон Градскиот парк каде беа пречекани од граѓаните, на децата и родителите им беа поделени топли пијалци, а од страна Брегалничката Епархија молитвен поздрав и благослов од Митрополитот Брегалнички г. Иларион.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов

