Без победник на дуелот помеѓу „Осогово“ и „Победа“ Прилеп

ГФК„Осогово“ и „Победа“ Прилеп ги поделија бодовите во рамки на 6-тото коло од Втората Македонска фудбалска лига-Исток, на натпреварот што се одигра во неделата на Градскиот стадион во Прилеп.

Со резултат од 1-1 „жолто-сините“ успеаа да ремизираа на гостувањето во Прилеп, иако според извештајот од натпреварот, фудбалерите на „Осогово“ биле подобри на теренот.

Во извештајот на ГФК„Осогово“ стои:

„ГФК Осогово трето коло по ред без пораз

Денес „жолто-сините“ на секогаш незгодниот терен Могила во Прилеп против домаќинот Победа одиграа реми од 1-1.

За ГФК Осогово ова беше трето последователно реми сезонава и тоа со идентичен резултат од 1-1 (претходно против Брегалница и Слога). Воедно ова беше и четврто сезонско реми (претходно и на гости со Кит Го од 3-3).

За Осогово ова беше трет сезонски бод во гости , односно четврти сезонава севкупно.

Денес во Прилеп домаќините рано, во 13. минута преку Анѓелески поведоа со 1-0. Во продолжение имаа одлична шанса да ја зголемат предноста преку нашиот поранешен играч Димоски кој пропушти зицер.

Во втората половина од првиот дел Осогово заигра подобро и беше екипата која доминираше на теренот. Па така Манов по асистенција на Велинов имаш одлична шанса – очи во очи со противничкиот голман, но изостана реализацијата.

Се играше 23 минута кога Диме Иванов го проигра одлично Велинов кој израмни на 1-1. Во продолжение Недановски имаше одлична шанса да го доведе нашиот клуб во предност, но по одличниот пробив, во последен момент неговиот шут беше блокиран.

Во вториот дел се играше анемичен и досаден фудбал за око. Претежно на средината на теренот со многу прекини. Притоа силниот ветер и лошиот терен поради кој топката отскокнуваше не дозволуваа да се развие игра и од двете екипи.

Нашиот тим мечот го заврши со еден играч помалку откако Дончев во 66 минута доби црвен картон, по втор жолт и тоа престрого досуден.

ГФК Осогово денешниот меч го започна во следниот состав: М. Велковски, И. Далчески, Г. Дончев (ц.к), Х. Крклинки, Ѓ. Глигоров, Ф. Манасиевски (В. Коцев), С. Велинов, Т. Манов (Ш. Јашари), А.Недановски (Н. Стоиловски), С.Ангеловски“

Во следното коло „Осогово“ ја пречекува екипата на „Росоман“.

Резултати од 6-тото коло:

„Победа“ – „Осогово“  1:1

„Слога 1934“ – „Тиквеш“  1:3

„Каменица Саса“ – „Плачковица“  1:0

„Кит Го“ – „Брегалница“  0:1

„Росоман“ – „Кожуф“  1:2

Сподели: