Без прекршување на забраната за движење помина првата ноќ од полицискиот час во Кочани

Ниту едно непочитување на полицискиот час  не регистрирала кочанската полиција за време на забраната за движење, односно во периодот од 22 до 05 часот наутро, информираат од Одделението за внатрешни работи – Кочани (ОВР-Кочани).

Првата ноќ од практичната имплементација на владината одлука за полициски час на целото подрачје општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево поминала мирно и редовно.

Полициски службеници од ПС- Кочани со патролни екипи и на полициски пунктови ги спроведуваат мерките за ограничување на движењето на лица и возила, а се пропуштаат само граѓани кои имаат посебна дозвола за движење за време на забраната.

Граѓаните кои за време на полицискиот час имаат итна потреба за посета на здравствена установа потребно е своето движење да го најават на дежурниот телефонски број на полицијата 192.

Во моментот ОВР-Кочани контролира 180 лица кои се под здравствен надзор со решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Полицискиот час започна од вчера, 10 март и ќе трае во следните две недели, односно, до 22 март како превентивна  мерка за спречување на ширење на заразата од Ковид -19.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: