Библиотека „Искра“ ги додели признанијата на најдобрите читатели за 2019 година

Во  ЈУ Библиотека „Искра“ – Кочани денеска се одржа скромна свеченост на која беа доделени признанијата на најдобрите читатели за 2019 година.

Принанието во категоријата за најдобар возрасен читател и припадна на Д-р Јаворка Охомуш, додека во категоријата најдобар детски читател дипломи беа доделени  на сестрите  Ана и Лина Мицовски од ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари.

-Денес имаме чест и задоволство да им ги врачиме признанијата на најдобрите читатели за изминатата 2019 година. Го одбравме овој датум во чест на утрешниот празник Св. Климент Охридски. Најдобрите читатели ги одредуваме според однапред поставени критериуми, како што се бројот на прочитани книги и редовност при враќање на истите, истакна Верица Паунова Дамеска, библиотекар во „Искра“.

-Чест и задоволство ми е да ја примам оваа награда. Не бројам колку книги имам прочитано изминатава година, ама знам дека сега во ова време невреме, книгата ми е најверен пријател, рече Д-р Јаворка Охомуш, најдобар возрасен читател за 2019 година.

Од Библиотека „Искра“ на најдобрите читатели за 2019 година освен дипломи им доделија и подарок книги.

Доделувањето на признанијата за најдобри читатели библиотека „Искра“ го организираше секоја година на 23 Април, Денот на книгата и авторското право, но годинава поради коронавирусот доделувањето беше поместено за во месец  декември.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial