Библиотека „Искра“ ги прогласи најдобрите читатели за 2023 година

ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани ги прогласи најдобрите читатели во категориите возрасни и деца, а во пресрет на одбележување на 23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право.

Во категоријата деца, за најдобар читател е прогласена Анастасија Хаџипаунова, додека во категоријата возрасни, Стојка Гајдук.

Годинава е воведена и нова категорија – највозрасен почесен читател при што награда беше доделена на 86 – годишната Бисера Наумова која редовно чита и позајмува книги во „Искра“.

Како критериум за доделување на наградите е бројот на прочитани книги во годината и редовноста во нивното враќање.

– ЈОУБ „Искра“ во Кочани, во пресрет на 23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право, традиционално реализираше настан посветен  на чествување на книгата, авторите, читателите и издавачите. Традиционално ги прогласивме најдобрите читатели во 2023 год. во три категории на деца, возрасни и новата категорија највозрасен почесен читател. Читавме пораки посветени на Светскиот ден на книгата, а воедно, членовите на ЛК „Копнеж“ ни приредија литературно читање на лични творби, напишани и содржани во најновиот билтен посветен на Светскиот ден на книгата и авторското право, истакна Кристина Горгиевска Атанасова, директорка на „Искра“.

Светскиот ден на книгата и авторското право за прв пат е прославен во 1995 година, назначен под покровителство на УНЕСКО. Датумот има за цел да ги промовира книгите, да укаже на заштитата на авторското право и да ги поттикне издавачите.

И. Матеничарски

Сподели: