ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани ги прогласи најдобрите читатели во категориите возрасни и ученици, а во рамки на одбележување Светскиот ден на книгата и авторското право.
Признанијата во подрачната библиотека во населбата Оризари им беа доделени на Ирена Спасова во категоријата возрасни и на Теодора Захариева, ученичка во ОУ „Крсте Петков Мисирков“. Во централната библиотека во Кочани награди добија Мичо Цеков во сениорска и Ана Николова во категоријата за ученици.

– Манифестацијата е збогатена со гостување на авторката Елеонора Николовска, која оствари интерактивна средба со предавање за креативно пишување со ученици од ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Оризари. Во просториите на библиотеката во Кочани пак, беше промовирана нејзината збирка „Расказите раскажуваат“. Во одбележувањето се вклучија и членовите на литературниот клуб „Копнеж“ кои се претставија со свои авторски творби, а по повод Светскиот ден на книгата и авторското право го издадовме најновиот билтен на роднокрајните автори, истакна вишиот библиотекар Румена Тодорова, која е координаторка на проектот.

На манифестацијата беа пренесени и годишните пораки по повод Светскиот ден на книгата и авторското право од професорката Ана Стојаноска која ја напиша македонската и од генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле која ја упати свестската порака.
Одбележувањето го збогатија и ученици од основното музучко училиште „Ристо Јуруков“ од Кочани, кои се изведоа дела од познати автори на класичната музика.
И.Матеничарски
Фото: A. Aрсов
