Библиотека „Искра“ го одбележа 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

По повод одбележување на 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во просториите на ЈУ Библиотека „Искра“ – Кочани денеска се одржа стручно излагање на тема „Мајчиниот јазик – минато, сегашност и иднина“ и литературно читање од страна на учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

На настанот, свое излагање имаше  професорот по македонски јазик и литература, Александар Димитров кој даде историски осврт на значењето, настанокот и употребата на македоснкиот јазик. Учениците од гимназијата „Љупчо Сантов“ преку литературно читање на мисли и цитати од познати македонски и светски книжевници дадоа посебен белег на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

– Целта на ова одбележување е пред се да се промовира и негува мајчиниот јазик но и да се промовираат, толерираат и учат останатите јазици во светот. Оваа година прославувањето на Меѓународниор ден на мајчиниот јазик во нашата библиотека, на наше големо задоволство го реализираме во соработка со ученици од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани со нивниот ментор професор Александар Димитров. На денешниот настан му претходеше работилница, на која учествуваа учениците и професорот каде се говореше за значењето и важноста на овај ден, учениците направија избор од делата од македонската книжевност кои ќе ги претстават  и ќе бидат дел од литературното читање. Истражуваа и забележаа мисли и цитати од познати македонски и светски книжевници, мислители и интелектуалци, кои се поставени на паноата во просторијата на библиотеката, истакна Кристина Ѓоргиевска Атанасова, библиотекар во „Искра“.

Воедно во состав на денешната програма за одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, вечерва во 19 часот ке биде промовирана книгата „Запис на кочанската народна песна“, од автор м-р Љупка Стојменова, а промотор на истата ќе биде проф. Д-р Јованка Денкова, професор на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Промоцијата ќе биде збогатена со музичка изведба на дел од содржината на книгата од страна на Оркестарот за народни песни и ора при НУЦК „Бели мугри“ – Кочани, а ќе се одржи во Мултикултурниот центар, во просториите на кат.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: