Библиотека „Искра“ преку интерактивна работилница го одбележа 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во ЈОУ Библиотека „Искра“  – Кочани се одржа интерактивна работилница „Мајчин јазик – богатство, наследство и завет за иднината“ во соработка со професорите д-р Марија Соколова и проф. Александар Димитров.

На работилницата учество зедоа ученици од основните училишта од Кочани, Зрновци и Зрновци. 

-Денот на мајчиниот јазик е востановен со цел да се негува мајчиниот јазик и да се даде почит и на другите јазици кои што постојат во светот, тоа се околу 6500 јазици, но на половина им се заканува потполно исчезнување. Мајчиниот јазик е многу битен сегмент од животот на една нација бидејќи тој претставува наш културен идентитет, наше богатство и наша историја, но претставува и поврзување меѓу минатото и иднината. Оваа година го чествуваме денот со креативна работилница во која што се вклучени сите основни училишта од Кочани, Оризари и Зрновци, изјави Кристина Горгиевска  Атанасова, директорка на библиотека „Искра“.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е востановен пред 25 години од страна на Обединетите нации и УНЕСКО.

-Целта на оваа интерактивна работилница е пред се дружба меѓу учениците, афирмација на нашиот македонски јазик. Оваа работилница се организира пред се со забавно-рекреативен карактер меѓутоа и поучен карактер. Се надеваме дека истата ќе побуди интерес кај учениците понатаму и во други денови да има вакви работилници кои што ќе побудат желба кај учениците за навлегување во полето на македонистиката, рече проф. д-р Марија Соколова.

Основците по повод Денот на мајчиниот јазик твореа литературни творби кои ги читаа на настанот пред присутните гости. На работилницата беше организиран квиз каде учениците одговараа и ги покажаа своите знаења од областа на мајчиниот јазик. Најголем успех покажаа учениците од ООУ „Синиша Стоилов“ – Зрновци, додека на сите учесници организаторот им додели благодарници.

Сподели: