ЈУ Библиотека „Искра“ Кочани денеска со низа активности го одбележа Меѓународниот ден на литературата за деца, кој поради коронакризата, наместо на 2-ри Април годинава, беше одложен и одбележувањето се одржа денес.
На манифестацијата „Фестивал на децата, книгата и музиката“ во дворот на библиотеката „Искра“ беа доделени благодарници на поддржувачите и помагатели на работата на библиотеката. Благодарница беше доделена на Општина Кочани, а ја прими градоначалникот Николчо Илијев, како и на Ротари клубот и Ротаракт клубот Кочани-Виница, компанијата Амфенол и Општинската организација на Црвен крст Кочани.
Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на литературата за деца се одржа и трибина на тема „Специфичноста, позитивните влијанија и присутноста на литературата за деца во детскиот развој и во креирањето на детскиот свет“ , на излагачите Проф. Јованка Денкова од Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, М-р. Татјана Лазарова Осоговска и М-р. Ели Маказлиева.
Во продолжение на манифестацијата, членови на литературниот клуб „Копнеж“ читаа меѓународни пораки по повод Денот на литературата за деца, а беше промовирано и делото „Мали детски разговори“ од авторот Зоран Пејковски како и книгата „Заедно да растеме“ од Филип Димковски.
Манифестацијата „Фестивал на децата, книгата и музиката“ е проект финансиран од програмата од областа за заштита на културното наледство при Министерството за култура и Општина Кочани.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов