По повод Меѓународниот ден на литературата за деца,Библиотеката „Искра“ в четврток организира низа активности за одбележување на денот на литературата за деца.
Активностите ќе започнат со посета на основните училишта , каде претставници од библиотеката ќе отстапат книги и литература за деца во училишните библиотеки. Во 11:00ч во дворот на Библиотеката „Искра“ ќе се одржи „Фестивал на децата, книгата и музиката“ и трибина на тема „Специфичноста, позитивните влијанија и присутноста на литературата за деца во детскиот развој и во креирањето на детскиот свет“ на која излагачи ќе бидат проф. Јованка Денкова, м-р Ели Маказлиева и м-р Татјана Лазарова Осоговска.
Во рамки на одбележувањето планирано е и читање на меѓународната порака на Светскиот ден на литературата за деца за 2020 година, а потоа ќе биде промовирано делото„Мали детски разговор“ од авторот Зоран Пејковски како и книгата „Заедно да растеме“ од Филип Димковски
Меѓународниот ден на литературата за деца се одбележува на 2-ри април секоја година, но поради коронакризата настанот беше одложен за средината на септември.
Проектот е поддржан и финансиран од програмата за проекти од областа за заштита на културното наследство при Министерството за култура и Општина Кочани. На настанот поздравен говор ќе има и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
За време на одржување на настанот ќе бидат запазени протоклите за заштита од коронавирусот.
И.Матеничарски