На редовното годишно Собрание боречкиот клуб „Спартак“ – Кочани избра ново раководство, на чие чело за претседател е избран Зоран Сребренов, додека Гоце Ангелов е нов секретар на боречкиот клуб од Кочани.
Во соопштението испратено до медиумите се вели дека новото раководство ќе се обиде да го врати „Спартак“ на победничките патеки како во минатото, враќање на поранешните борачи во клубот како и настапи на домашни и меѓународни натпреварувања.
„Најпрво сакам да истакнам пред целата јавност дека Боречкиот клуб „Спартак“ не е згаснат, да не постои. Не може еден од најуспешните клубови во минатото во државата одеднаш да згасне, да не постои, туку поради пандемијата во државата БК „Спартак“ немаше активности. Причината не е во претходното раководство. На редовното годишно собрание едногласно е избрано ново раководство, кое пред се ќе има огромна задача за реализација на плановите и да го врати „Спартак“ како во старите добри времиња. Новото раководство на чело со претседателот Зоран Сребренов, ќе работи транспарентно и сите одлуки ќе се донесуваат заеднички, се со цел за доброто на борењето, истакна Гоце Ангелов, секретар на БК „Спартак“.
Плановите на новото раководство е борачите на „Спартак“ да настапуваат на сите државни и изборни првенства во државата, на Меѓународни турнири во соседството како и организирање на меморијалниот турнир – Легендите на „Спартак“ и враќање на поранешните борачи од Кочани кои сега настпуваат за други клубови.
„Благодарност до Локалната самоуправа за реновирање на спортската сала за тренинг и ФБРСМ за обезбедување на нов душек за тренинг за нивната подршка и помош за подобруње на условите за тренинг. Се надеваме и за идна соработка со Локалната самоуправа и ФБРСМ за нивна подршка за исполнување на зацртаната цел, додадоа од БК „Спартак“.
И. Матеничарски