Благодарница за 99-годишниот Ристо Димовски, единствениот жив партизан во Кочанско

Единствениот жив партизан, кој учествувал во борбите за ослободување на Кочани од фашистичкиот окупатор, 99-годишниот Ристо Димовски дочека уште едно празнување на Денот на ослободувањето.

Чествувајќи ја 76-годишнината од ослободувањето на градот, Општина Кочани му врачи посебна благодарница и му оддаде посебна почит за неговиот придонес во Народноослободителната војна.

Димовски е роден 1921 година, во селото Могилец, Демирхисарско, а во Кочани живее и работи од 1947 година.

Во Народноослободителната војска се вклучил во почетокот на 1944 година. Учествувал во ослободувањето на повеќе населени места во државава.

За своето учество во НОБ и неговиот придонес за развојот на државата бил одликуван со Орден заслуги за народот со сребрен венец, Златна плакета и орден за храброст како и Орден на трудот со златен венец.

Предлогот за Ристо Димовски да го добие општинското признание е пристигнат од Сојузот на борци од НОВ од Кочани, со цел да ги освежат сеќавањата за патот до слободата во 1944 година.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial