Во знак на почитување на заложбите на Здружението „Бистри умови“ за поттикнување и поддршка на девојчињата во изучувањето на информатиката, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов ѝ врачи благодарница на претседателката Анита Атанасова Грчев, организатор на Националниот летен камп за млади информатичари што се одржа минатата седмица на Пониква.
– Сакаме да ја изразиме нашата благодарност што ги поттикнувате и ги поддржувате девојчињата во изучувањето на информатиката. Тоа е област во која девојчињата и жените се помалку застапени, па наша задача е да придонесеме таа да е што подостапна и за нив – истакна градоначалникот Папазов.
На овогодишниот Летен камп за млади информатичари учествуваа шест девојчиња од кои четири ќе ја претставуваат Македонија на претстојната Европската женска олимпијада по информатика во Холандија, едно девојче е во јуниорскиот тим, а едно е во тимот за Светската олимпијада.
– Ова се првите учеснички на Националниот летен камп по информатика. Факт е дека бројот на заинтересираните ученички за информатика е многу мал. Како илустрација, во бесплатните онлајн курсеви по информатика што лани ги организираше „Бистри умови“, од 430 учесници немаше ниедно девојче. Се надевам дека заеднички со Општина Кочани ќе успееме да најдеме форми за препознавање на нивните интереси и способности, како и мотивација за изучување на информатиката – рече Атанасова Грчев.
Според најавите на градоначалникот, во Буџетот на Општина Кочани за идната година преку Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите ќе се планираат финансиски средства за стипендирање ученички во изучување информатика.