Доброволното противпожарно друштво Кочани, в сабота на 16 септември преку целодневен и повеќечасовен настан ќе го одбележи својот втор роденден.

На програмата по повод одбележување на двегодишнината од формирањето на ДПД – Кочани ќе се реализираат низа на активности како противпожарни игри на кои ќе учествуваат доброволни друштва од земјава и странство, противпожарен натпревар за петтооделенци од основните училишта од регионот и културно – уметничка програма.

– Програмата започнува во 11 ч. во Градскиот парк во Кочани со првите доброволни противпожарни игри во Кочани и ќе се натпреваруваат седум доброволни противпожарни друштва од Македонија, а ќе имаме гости од Србија и Хрватска. Игрите ќе се реализираат на четири тематски полигони, во кругот на пожарната, на Споменикот на слободата на Локубија, како и два полигони во централнто градско подрачје. Сите полигони се отворени за јавноста и граѓаните ќе може да ги проследат и одблиску да се запознаат со нашата работа. Паралелно со тоа, од 12 ч. во Градскиот парк започнува и пожарникарски натпревар за најмладите, односно децата од петто одделление од основните училишта од Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево. Целта е одблизу да ја запознаеме јавноста и најмладите со нашата професија, со тоа што се занимаваме и колку е значајна за средината во која живееме, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД- Кочани на денешната прес – конференција за медиумите по повод вториот роденден на ДПД – Кочани.

Во рамки на програмата за одбележување на двегодишнината од формирањето на ДПД – Кочани, со почеток од 17 ч. во Градскиот парк во Кочани започнува културно – уметничка програма. На неа настап ќе имаат учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“, Фолклорни ансамбли, настап на децата од Детската градинка „Павлина Велјанова“, приватната детска градинка „Амичи“, „Зумба енерџи клуб“, ДЈ Буби Тасев и Трио Манов.