По повод христијанскиот празник Богојавление – Водици, в четврток, на 19 јануари со почеток од 12 ч. на мостот кај Паркот на Револуцијата во Кочани ќе се изврши чинот на потопување на светиот крст и освета на водите на Кочанска река.
Чинот на потопување на светиот крст ќе го изврши Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужителство на свештеници од храмот „ Св. Вмч Георгиј“ – Кочани.
Претходно, во храмот „ Св. Вмч Георгиј“ со почеток од 08 ч. ќе биде отслужена Светата Божествена литургија по што верниците ќе се упатат на литија кон Градскиот парк. Воедно, во храмот планирано е да се спровде и традиционалната лицитација на икони од страна на верниците.
Од храмот „Св.Вмч Георгиј“ ги известуваат сите верници дека тече рокот за пријавување на лица кои сакаат да скокаат по светиот крст.
Заинтересираните верници можат да се пријават во просториите на храмот до утре, среда, 18 јануари до 15 ч., а како услови за учество, потребно е да бидат полнолетни жители на градот Кочани, крстени во православната вера и притоа да приложат потврда од матичен лекар за нивната здравствена состојба.