Богојавленскиот крст во Зрновци во рацете на Андреј Ангелов

Младиот 18-годишник  Андреј Ангелов од Зрновци  беше најсреќниот од петнаесетте пријавени момчиња кои скокаа по светиот крст во водите на река Зрновка, во рамки на одбележување на христијанскиот празник Богојавление – Водици.

На Ангелов ова му е петто скокање и прва среќа да го фати крстот за Водици во Зрновци.

– Скокам по петти пат и денеска среќата ме послужи токму мене. На сите им посакувам здравје, среќа и љубов, како и помалку деца без родители, рече Ангелов.

Водосветот го изврши парохискиот свештеник, отец Лазар Коцев на мостот кај ООУ „Синиша Стоилов“. На чинот на осветување на водите и потопување на светиот крст присуствуваа голем број православни христијански верници од населените места во општината.

Градоначалникот на Општина Зрновци, Борчо Коцев  на Ангелов му додели пригодни подароци при што ја искористи приликата да го честита празникот Богојавление – Водици на сите граѓани и да им посака здравје, среќа и благосостојба.

– Нека е за многу години Богојавление Водици. Утрово заедно со верниот народ од општина Зрновци во храмот „Св. Димитрија” отец Лазар Коцев спроведе божествена литургија и со литија до мостот каде што традиционално го потопуваме крстот во водите на реката Зрновка. Мило ми е што огромен број млади беа пријавени. Посакувам многу здравје, среќа и бериќет во секој дом, истакна Коцев.

И. Матеничарски

Сподели: