Во Градскиот трговски центар во Кочани денеска и утре е поставена Божиќна пештера каде граѓаните донираат храна, намирници и финансиски средства, наменети за семејства на кои им се најпотребни во пресрет на празниците Бадник и Божиќ.
Божиќната пештера е настан во организација на храмот „Св. Вмч. „Георгиј“ – Кочани, а заинтересираните ќе може да донираат денеска и утре (4 јануари) во периодот од 13 до 18 ч.
– Божиќ е радост за сите и посебно како црква треба да се покажеме во вистинска смисла, како заедница на верни луѓе, да ја покажеме нашата широчина на срцата, нашата хуманост и да обезбедиме радост и среќен Божиќ и за оние кои имаат насушна потреба од истиот. Хуманите граѓани во рамки на своите скромни можности донираат храна, хигиенски средства и намирници кои потоа ќе ги поделиме на околу 40 семејства пред големиот христијански празник Божиќ. Задоволни сме од заинтересираноста на граѓаните и ги повикуваме сите останати да повелат, да ги донесат своите донации во Божиќната пештера во Трговскиот центар денес и утре во периодот од 13 до 18 ч., истакна Димитар Арсовски, свештенослужител во храмот „Св. Вмч. „Георгиј“ – Кочани.
Од кочанскиот црковен храм изразија благодарност до сите граѓани кои донираа како и на здружението „Благородна мисија“ од Кочани, на волонтерите од Црвениот крст кои помагаат на настанот и на локалната самоуправа за отстапениот простор.
И. Матеничарски