Бојана Коцева ученичка во четврта година општа насока во СОУ„Љупчо Сантов“ Кочани е прогласена за ученик на генерацијата 2016-2020.
На денешната седница на наставничкиот совет, на првенката Бојана Коцева и беше врачено признанието за ученик на генерацијата , а доби и скромни подароци од училиштето.
Воедно Мартина Георгиева и Стефани Бошкова од економската струка се закитија со признанието за второ и трето место во рангирањето, а директорот на гимназијата Игор Христов на ученичките им посака многу успех и среќа во понатамошното образование.
-Сакам да им се заблагодарам на сите професори и целиот наставнички кадар заедно со директорот кои што го вреднуваа мојот труд и ми ја врачија оваа награда. Од гимназијата секогаш излегувале одлични кадри, се надевам дека и од нашата генерација ќе биде така. Планирам да продолжам на медицина и сум многу горда на оваа награда, рече Бојана Коцева ученик на генерацијата 2016/2020 во СОУ „Љупчо Сантов“ Кочани.
– Многу ми е мило што влегов во конкуренцијата со најдобриот ученик на генерацијата, меѓутоа имаме 160 ученика и да сум второ место е голема чест за мене. Планирам да продолжам на Екононскиот факултет во Скопје, истакна Мартина Георгиева второ рангирана.
-Го освоив третото место и сум во првите три ученици на генерацијата. Овие четири години во гимназијата си поминав прекрасно, а завршив во економската струка. Планирам да продолжам на Економскиот факултет во Скопје, изјави Стефани Бошкова.
Одлуката за ученик на генерацијата 2016-2020 во СОУ„Љупчо Сантов“ ја донесе наставничкиот совет по претходно утврдени критериуми при изборот.
И.Матеничарски