Велосипедска прошетка „По патеките на оризот“ по повод 22 септември, Меѓународниот ден без автомобили

По повод 22 септември, Меѓународниот ден без автомобили, повеќе од 150 велосипедисти учествуваа на велосипедската прошетка „По патеката на оризот “, на релација Кочани – Горни Подлог – Мојанци – Грдовци – Кочани.

На 15 километарската тура со старт од Градскиот плоштад, љубители на велосипедот, рекреативци, членови на спортски и велосипедски здруженија ја искористија можноста за промоција на велосипедот како еколошко средство за превоз, кој освен што не ја загадува животната средина добро влијае и на здравјето на велосипедистите.

Организаторот на настанот, локалната самоуправа на Општина Кочани, во селото Грдовци за велосипедистите организираше кратка закуска со традиционални јадења од Кочанското поднебје.

„Со овој настан Општина Кочани се вклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилност и го поттикна користењето на превозни средства што не ја загадуваат животната средина“, истакнаа од Општина Кочани.

Велосипедската прошетка „По патеката на оризот“ традиционално се одржува веќе втора година. Турата се планира да продолжи и во иднина, на различни релации долж кочанското оризно поле.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: