Вечерва без полициски час, утре забрана за движење од полноќ до 4 часот наутро

Поради верскиот празник Рамазан Бајрам, денеска нема да има полициски час, а веќе од утре ќе биде скратен на четири часа, односно ќе важи од полноќ до 4 часот наутро.

Владата вчера ги прифати препораките од Комисијата за заразни болести и ги олабави рестриктивните мерки до 18 мај. Се продолжува и работното време на угостителските објекти до 23:30 часот, но и понатаму ќе бидат отворени само летните тераси, а исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и делот за исхрана во хотелите, мотелите, хостелите и пансионите за лицата што се сместени во овие објекти.

Од денеска почнуваат со работа и вежбалниците, фитнес-салите, спортските центри, игротеките, но во овие објекти е задолжително почитување на протоколите за работа. Се дозволува и организирање настани, но за нив ќе важат истите протоколи од претходно, односно до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворен простор.

Спортските настани и понатаму ќе се организираат без физичко присуство на публика.
Засега останува забраната за свадби и концерти, а сè уште е рано и за неносење на заштитни маски на отворено.

Како дел од олабавувањето на мерките е и укинувањето на забраната за користење годишни одмори за здравствените работници и зголемувањето на бројот на деца во градинките. Согласно одлуката донесена на вчерашната владина седница, дозволено е бројот на деца во воспитните групи до две години да се зголеми на 15, а кај воспитните групи од 2 до 6 години на 20 деца.

Предлогот за олабавување на мерките во понеделникот го донесе Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, односно намалениот број на новозаразени и ослободувањето на поголем дел од болничките капацитети.

Сподели: