Во Фоајето 1 на Центарот за култура „Бели Мугри“ во Кочани беше одржана прес – конференција за новинарите во пресрет на отворањето на 60. јубилејно издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.

Официјалното отворање на 60 издание на ДАФ е закажано за вечерва, со почеток од 20:30 ч. кога ќе биде одиграна претставата „Синиот портокал“ на театрот Јордан Х.К Џинот“ од Велес, додека претходно, од 18 ч. во Паркот на револуцијата ќе биде прикажан театарско – музички перформанс „Театарот е жив“.

– Фестивалот со своето 60. издание оваа година ќе понуди интересна програма. Се надевам дека оваа година на нашата театарска публика ќе и овозможиме да уживаат во театарските претстави кои ги одбра нашиот селектор. Годинава имаме тричлено жири, Анкица Венинова, Жарко Спасовски и Сотир Трајков, додека Миле Вртеоски е нашиот водител на разговорите по претставите, а нашиот селектор годинава е господинот Игор Џамбазов. Наши покровители се Општина Кочани, Министерството за култура и ЕУ за тебе, како и општествено одговорните компании се и годинава со нас бидејки фестивалот е белег за Кочани и државата, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.

На годинашното јубилејно 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија ќе настапат вкупно 12 домашни и странски театарски групи од кои десет претстави ќе бидат прикажани во натпреварувачки и две во ревијален дел.

– Како селектор, кога ги видов овие неколку претстави за 60 издание на ДАФ, сфатив дека театарот е жив и тоа многу. Затоа решив и мотото на овој роденденски фестивал да биде „Театарот е жив“, а штом сум јас тука и јас сум жив заедно со театарот. Овде ќе видите претстави на театри кои со години доаѓаат овде, како што се Тетовскиот театар, Театарот „Чекори“ од Скопје, а имаме и гости од Балканот, истакна Игор Џамбазов, селектор на претставите на годинашново издание на фестивалот.
Во програмата на натпреварувачкиот дел ќе настапат театри и театарски групи од Кавадарци, Кочани, Скопје и Тетово, потоа од Прокупље, Ниш и Шид од Република Србија, како и од Вуковар од Република Хрватска. Надвор од конкуренција ќе учествува народниот театар од Велес, како и една театарска група од Турција.
На годинашното издание на ДАФ ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка епизодна и главна улога, за најдобра режија, за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци и гран при „Васил Ќортошев“.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов


