Денеска во Кочани почнува 59-то издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), на кој настапуваат најдобрите аматерски театри и театарски групи од Македонија и од странство.
Пред вечерашното свечено отворање, членовите на Управниот одбор на ДАФ на прес-конференција истакнаа дека се свесни дека уметноста е подолга од просечен човечки живот, поради што целта на манифестацијата е да се прикажат уметнички остварувања што долго ќе се паметат и за кои ќе се зборува.
– Веќе 45 години Кочани е домаќин на овој фестивал и ние како организатори се потрудивме да ги надминеме сите предизвици пред нас. На конкурсот за учество беа пријавени 16 претстави, од кои селекторот Благој Веселинов одбра 12, а три се од странство. Покрај тоа, ќе има и неколку придружни содржини, како што се концерти, саем на книги, ликовна изложба и книжевна промоција, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот
Фестивалот има натпреварувачки карактер, при што за најдобрите се доделуваат награди: за целосно драмско остварување Гран-при награда „Васил Ќортошев“, потоа награда за најдобра режија, главна машка и женска улога, епизодна машка и женска улога и награда за истражување во драмскиот аматеризам.
На отворањето на фестивалот вечерва во Градскиот парк во 20:30 ч., ќе биде изведена претставата „Самоубиство во одбрана“ на Алтернативен театар „Отпишани“ од Скопје, а потоа ќе следува лајт-шоу и настап на диџеј Панчо.
Како придружна содржина, а со поддршка од ДАФ и Општина Кочани, на 29 мај ќе се одржи првиот Интернационален фестивал на музичка публицистика, чиј организатор е Македонскиот музички архив.
– В недела ќе се случи премиерно издание на фестивал каков што нема на Балканот – посветен на музичката публицистика во Македонија, регионот и пошироко. Ова е скромен обид на едно место, еднаш годишно, да се собира рецентната домашна продукција на музички книги (или кои барем во основа ја имаат урбаната музика) и истите тие да бидат промовирани од самите автори. Секако, дружењето и размената на искуства и идеи се секогаш во преден план, а нормално и музиката, поточно настапите на бендовите. Има многу идеи како би сакале во иднина да се развива овој фестивал, но најважно е да започнеме – вели Тошо Филиповски, од Македонскиот музички архив.
Поддршка за реализацијата на Драмскиот аматерски фестивал и годинава е обезбедена од Министерството за култура и од Општина Кочани.