Во рамки на културно – уметничката програма по повод празникот на градот Петровден, вечерва во големата сала на Мултикултурниот центар се одржа Вечер на афоризми на афористичари од Кочани и Кочанско.
На настанот се претставија афористичари – роднокрајни автори кои пред публиката читаа од своите создадени афоризми.
– Пред вас се мајсторите на перото, создавачи на афоризмите. Афоризмот е кратка книжевна форма, концизна мудра мисла, мисла искажана на духовит начин, сарказам преку кој се испраќа порака. Истовремено истиот засмејува, замислува, „боцка“ и го поттикнува слушателот да размислува и да влијае на отстранување на негативните појави за кои говори авторот – истакна Славица Цветкова, член на Афористичката репрезентација на Македонија.
Настанот беше во организација на Афористичката репрезентација на Македонија во рамки на годинашнава Петровденска програма.
И. Матеничарски