ВИДЕО: Земјоделците ги палат жетвените остатоци, Кочанско Поле денеска во пламен

Кочанските пожарникари и волонерите од Доброволното противпожарно друштво – Кочани денеска интервенираа на гаснење на неколку полски пожари на стрништа во атарите на селата Грдовци, Мојанци и Прибачево.

Земјоделците денеска потпалија стрништа со жетвени остатоци на повеќе локации низ Кочанското Поле, што предизвика Кочани и околината на градот повеќе часа да биде под димна завеса и непријатен мирис од изгоренота слама.

– Територијалната противпожарна единица Кочани со поддршка на Доброволното противпожарно друштво денеска цел ден интевенираше во гасење на полски пожари на повеќе локации во атарите на селата Грдовци, Прибачево и Мојанци. Првенствено приоритет се даваше на гасење околу атарите на селата, каде запалените стрништа се доближија до првите куќи во селото Прибачево, како и до  пречистителната станица за отпадни води во селото Мојанци. За среќа, влажната почва спречи брзо ширење на огнот и не дозволи негово разгорување што ни беше во корист, соопшти за интернет-порталот „Гласно“, командирот на ТППЕ – Кочани, Благој Паунов.

Во гаснењето на огнените стихии учествувале четворица професионални пожарникари од ТППЕ – Кочани и десет волонтери од Доброволното противпожарно друштво – Кочани кои успешно ги санирале пожарите и не дозволиле нивно проширување на поголеми полски површини.

Од Територијалната противпожарна единица – Кочани уште еднаш упатија апел до земјоделците за одговорно однесување и во никој случај да не се палат жетвените остатоци во полето. Палењето на стрништата може да предизвика големи последици по имотите и животите на луѓето, додадоа од кочанската противпожарна единица.

И. Матеничарски

Фото и видео: ДПД – Кочани

Сподели: