ВИДЕО: Изгаснат шумски пожар на Осоговските Планини – изгорена 20 хектара смрека и нискостеблеста шума

Територијалната противпожарна единица – Кочани доцна попладнево интервенираше на гасење на шумски пожар кај месноста Мегдано на Осоговските Планини во кој според првичните проценки изгореа 20 хектара стебла смрека и нискостеблеста шума.

Огнената стихија се закануваше да зафати зимзелена шума со бор и елки, но со брза и ефикасна интервенција на пожарникарите било спречено проширување на пожарот во поголеми размери.

– Повикот е добиен околу 13 ч. при што веднаш упативме екипа од тројца пожарникари и едно возило. Поради ветрот и брзото ширење ја мобилизиравме целата единица, а на помош повкавме и колеги од пожарната од Виница и поддршка од Доброволното противпожарно друштво – Кочани. За само два часа успеавме да го ставиме пожарот под контрола и спречивме ширење кон зимзелената шума со бор и елки, што беше во непосредна близина, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Според првичните проценки на пожарникарите, причина за избувнување на пожарот е човечки фактор, а дополнително треба да се утврди дали огнот намерно е подметнат или се проширил поради невнимание на излетници во природа.

Кочанските пожарникари, освен на Мегданот, интервенирале и на гасење на запалено стрниште во атарот на село Прибачево.

И. Матеничарски

Сподели: