Ловечката шумска куќичка на ЈП „Национални Шуми“ – подрачно шумско стопанство „Осогово“ во месноста Пашаџиково на Пониквa, изгоре во пожар што вчеравечер ја зафатил прво кровната конструкција на објектот, а се проширил и на спратот.
Пожарот бил пријавен во Територијалната противпожарна единица – Кочани нешто по 22:20 ч. при што е интервенирано со четири противпожарни возила и осум пожарникари.
-Целосно е изгорена кровната конструкција на објектот кој датира од 1934 година. Бидејки станува збор за стар објект, а наместо бетонска плоча има гредоред, пожарот го зафати и спратот од објектот. Внатрешноста на објектот најголем дел е од дрвен материјал, ламперија, што придонесе за брзо ширење на пожарот. Пожарникарите интервенираа во исклучително тешки услови, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ –Кочани.
Од ТППЕ – Кочани информираа дека во пожарот зафатена била и борова шума во непосредната близина на објектот. Пожарот бил ликвидиран во текот на ноќта, а екипа од пожарната останала да дежура до утрото. Причинета е поголема материјална штета.
На местото на настанот извршен е увид од страна на увидна екипа од ПС- Кочани која треба да ги даде причините за пожарот.
Според информациите до кои дојде интернет-порталот „Гласно“ најверојатно пожарот настанал од запален оџак.
И. Матеничарски