Откако Владата на Македонија ги усвои новите протоколи за одржување на спортски настани, според кои сите клубови се задолжени да ги тестираат играчите пред секој натпревар, Комисијата за натпреварување при ФФМ ги одложи мечевите од овој викенд.
Натпреварите од 11. коло на Првата македонска фудбалска лига, како и мечевите од 10. коло во ВМФЛ – Исток и Запад нема да се одиграат според планот и се одложени за следната седмица. Дуелите од Првата лига се презакажани за седми ноември (сабота), додека второлигашите ќе играат ден подоцна.
Според новиот протокол, секој клуб ќе биде обврзан задолжително да спроведе ПЦР тестови 72 часа пред почеток на секој натпревар. Доколку се појави позитивен случај, тој ќе биде изолиран, а другиот дел од екипата продолжува со активностите.
Комисијата за натпреварување која работи во рамките на Фудбалската федерација на Македонија не ја образложи оваа одлука, туку само наведе дека причина е новиот протокол. Иако следниот викенд репрезентативците веќе ќе бидат повикани на собирите, ФФМ ја потврди својата одлука.