Виснат кабел од кабелски оператор направи застој во сообраќајот на улицата „Димитар Влахов“ кај Градскиот трговски центар во Кочани.
Возилата и возачите кои во моментот се најдоа на улицата мораа сами да се снаоѓаат за да ја поминат препреката, откако олабавениот и речиси паднат кабел го попречуваше нормалното одвивање на сообраќајот.
Некои од случајните минувачи го држеа кабелот во висина за да може возилата нормално да поминат, а имаше и ситуации кога сопатникот од некое од возилата излегуваше да го придржи кабелот за безбедно да поминат и повторно се враќаше во возилото. Пешаците пак мораа да се наведнат пониско под кабелот за да поминат по тротоарот или да се движат во моменти кога некој од возилото го држи кабелот во висина.
Случката од страна изгледаше интересно за дел од минувачите кои го документираа настанот со фотографија. Сепак, останува прашањето кој и зошто дозволува нефункционални кабли од таканаречна „мртва мрежа“ честопати да ја загрозуваат безбедноста и на возачите и пешачите во градот.
И. Матеничарски