Висока делегација на Бугарската амбасада во Македонија во посета на општина Зрновци

Општина Зрновци денеска беше домаќин на висока делегација од Амбасадата на Република Бугарија во Македонија, предводена од секретарот од службата за трговски и економски прашања, Красимир Драгнев.

Целта на посетата е остварување на можност за спроведување на проектите од прекугранична соработка со Република Бугарија за реализација на активности за третман на комуналниот отпад и заштита на животната средина.

На средбата со градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев беше искажан интерес за соработка со партнерска општина од соседната земја, која има слични проблеми во областа на екологијата.

– Разговаравме за реализација на мали и средни проекти преку програмата за прекугранична соработка и очекуваме да добиеме поддршка за најмалку два проекта. За партнер бараме бугарска општина што по структура е слична на нашата, за да можеме заеднички да ги реализираме активностите. Целта е општина Зрновци, која е најмала според бројот на население, да прерасне во најеколошка и да обезбедиме здрава животна средина за нашите граѓани, истакна градоначалникот Коцев.

Од бугарската амбасада изразија подготвеност да помогнат во воспоставувањето соработка меѓу општините од двете држави, при што би се користеле искуствата и поддршката од европските фондови.   

На средбата беше нагласено дека Општина Зрновци соработува со компанијата „Еко-пак хит“ од Кочани, која е овластена за управување со отпадот од пакување и со која веќе се реализираат активности за селекција на отпадната пластика. Исто така, се спроведува и проект за третман на комуналниот отпад, за што се ангажирани лица од комуналното претпријатие, но потребно е да се прошири капацитетот и да се работи на подигање на јавната свест на граѓаните.

При на посетата, бугарската делегација го посети и ОУ „Синиша Стоилов“ каде во рамки на иницијативата на компанијата „Номадис“ беа доделени новогодишни пакетчиња за учениците во основното училиште.

Сподели: