Владата донесе одлука за нов полициски час

Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести за повторно воведување полициски час за време на претстојниот продолжен викенд поради празникот Задушница на 5 јуни и зголемениот број случаи на коронавирус.

Така, се воведува полициски час од четврток (4 јуни) од 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро во Скопје – сите скопски општини, општина Куманово, општина Липково, општина Штип, општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и во Јегуновце.

Во сите други градови полицискиот час ќе трае од четврток (4 јуни) од 21 часот до петок (5 јуни) до 5 часот наутро. В петок, сабота и недела полицискиот час ќе почнува од 16 часот и ќе трае до следниот ден до 5 часот наутро.

Министерот за здравство, Венко Филипче, исто така информира дека од четврток, 4 јуни, од 21 часот, до понеделник, 8 јуни, до 5 часот наутро, се забранува посета на гробишта на целата територија на државата, освен за погреби.

Аптеките ќе работат непречено за време на полицискиот час.

Остануваат да важат дозволите за движење, кои биле издадени претходно, а остануваат исти и термините за шетање миленичиња, од 8 до 8.30, од 15 до 15.30 и од 20 до 20.30 часот.

Петок (5 јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамките на територијата на селата, исклучиво за работните потреби.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните, кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

Сподели: