ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ на граѓански собир во Градскиот парк во Кочани, ја промовираа програмата со која ќе се претстават на парламентарните избори закажани за 15-ти јули.
Пред присутните кочанчани се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, носителот на Изборната единица 3 и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, како и Миле Лефков, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани.
-Луѓето од оваа власт не само што не успеаа во ветувањето дека ќе донесат живот, туку ја понижија, распарчија и омаловажија сопствената држава, па денес да си Македонец во сопствената држава носи чувство дека си граѓанин од втор ред. Ние нема да чекаме три години, доволни ни се шест месеци за сиот сомнеж за сторен криминал и корупција да биде процесуиран, правда мора да има, без привилегирани луѓе, семејства или политичари. Ние имаме план како да дојдеме до минимум 25 проценти повисока просечна плата, се обврзуваме за минимум 20 проценти повисоки пензии, за илјада километри реконструирани локални и регионални патни правци, реконструкција на болници, училишта и училишни сали. Ќе има 640 милиони евра субвенции за земјоделците и загарантирамн откуп на производството. Сакам да им порачам на сите што мислат дека можат да флертуваат со соседите и да преговараат за нашата историја, дека не ни се потребни историски комисии, бидејќи за тоа нема преговори, истакна Мицковски
Носителот на кандидатската листа за пратеници во третата изборна единица, Игор Јанушев истакна дека во изминатите три години регионот доживеал стагнација, ветувајќи многу работа за негово повторно заживување.
– Се обврзуваме дека по преземањеро на власта во наредните четири години во овој регион ќе ја завршиме изградбата на ескпресниот пат Штип – Кочани, изградба на когенеративни постројки на гас за добивање електрична и топлинска енергија во Кочани, ќе стимулираме инвестиции во модерни туристички велнес, спа и здравствени центри каде е вклучена и вашата преубава Пониква. Ќе направиме целосна ревизија на постапките со кои беа одземени ловиштата, ќе изградиме центар за физикална медицина и рехабилитација на болни во селото Бања каде има извори на геотермални води, а новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја решава децениската запуштеност во сферата на згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст со изградба на нови детски градинки, истакна Јанушев.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освен во Кочани, одржаа граѓанска средба и со жителите на Зрновци и Чешиново-Облешево.
И.Матеничарски