Претставници на подружницата на Водостопанство „Брегалница“ и комунален инспектор од Општина Кочани утрово извршија увид на десниот магистрален канал кој вчера се излеа од коритото и поплави дворови, подрумски простории и јавни површини во населбата Усова Чешма.
Екипи на водостопанската подружница „Брегалница“ и утрово ги чистеа наносите од отпад, гранки и смет на каналската решетка, поради што десниот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“ беше надвор од функција.
– Водостопанство „Брегалница“ пред секое пуштање на водата во каналскиот систем го чисти коритото и решетките на каналот. Така беше и овојпат, кога со помош на механизација на подружницата и КЈП „Водовод“ детално го исчистивме десниот магистрален канал. Неодговорноста на граѓаните кои фрлаат секаков вид на отпад во каналот доведе до затнување и излевање на водата од каналот. Апелирам до граѓаните да бидат совесни и одговорни и да не фрлаат отпад во каналот. Кога во каналот протекува максимална количина на вода од 10 кубни метри, секое затнување може да доведе до огромна хаварија. Наши екипи постојано се на терен и го чистат каналот, истакна Дени Митров, директор на Водостопанство “Брегалница“ – Кочани.
Митров додаде дека случите на фрлање на отпад во каналскиот систем ќе бидат пријавувани до надлежните служби, а во иднина ќе се вршат и засилени контроли од страна на подружницата и инспектори со цел откривање и санкционирање на лицата кои фрлаат отпад во каналот.
Од Водостопанство „Брегалница“ – Кочани информираа дека во текот на денот десниот магистрален канал повторно ќе биде ставен во функција со што земјоделците ќе ја добијат потребната вода за наводнување на земјоделските површини.
И. Матеничарски