Волонтерите од Доброволното противпожарно друштво и членовите на Планинарски спортскиот клуб „Осогово“ викендов извршија дистрибуција на храна, лекови и хигиенски производи на населението во планинските села на падините на Осоговските Планини.

Акцијата е плод на заедничката соработка на двете друштва, кои преку хуманитарна акција за донирање собраа намирници и лекови кои ги доставија на жители, претежно стари и изнемоштени лица на Осоговијата.
– Во акцијата за дистрибуција на хуманитарна помош беа опфатени осумнаесет жители од селото Полаки, односно Крушка, Рамно Брдо и Качаник. Поради непристапниот терен за возило, пешачевме околу 12 километри, дваесетина волонтери од ДПД – Кочани и планинари од ПСК „Осогово“. Храната, лековите и хигиенските средства ги обезбедивме преку донации од поединци и компании од општината, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друшво.

Иницијативата за хуманитарната акција доаѓа поради непристапниот терен и ниските температури на повисоките делови на планината во овој период од годината. Со оглед на фактот дека во тие предели на Осоговските Планини живеат стари и тешко подвижни лица, од ДПД – Кочани и ПСК „Осогово“ акцијата ја оценија како повеќе од потребна и успешна.
И. Матеничарски
