Волонтерите – пожарникари од Доброволното противпожарно друштво Кочани даруваа крв

Доброволци членови на Доброволното противпожарно друштво Кочани денеска даруваа крв, чин преку кој ја покажаа својата хуманост и упатија порака за важноста на крводарувањето и обезбедувањето на резерви на крв и крвни продукти.

На крводарителската акција крв даруваа 12 доброволци-пожарникари, што за почеток е задоволувачка бројка со оглед на тоа што акцијата се организира за прв пат, а во план е да прерасне во традиција.

-Ова е прва крводарителска акција на членовите на Доброволното противпожарно друштво и планираме истата да прерасне во традиционална и што помасовна. Преку неа сакаме да го поттикнеме дарувањето на крв, не само како доброволци-пожарникари туку и во целата средина во која живееме. Крвта како течност е потребна секојдневно, особено во случаи на катастрофи и затоа мора секогаш доволно да ја има. Денешната акција е израз на нашата хуманост и хуманата работа која ја работиме, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Од Доброволното противпожарно друштво изразија благодарност до персоналот на Службата за трансфузиона медицина во Кочани за поддршката во реализација на акцијата.

И. Матеничарски

Сподели: