Во ЈОУ Библиотека „Искра“ во Кочани денеска се одржа промоција на три авторски книги од роднокрајниот автор Киро Герасимов.
Станува збор за делата „Богатство запишано во времето“, „25 години МКД Илинден Јесенице“ и „Д-р Стојан Николиќ“.
– Книгата „Богатството запишано во времето“ содржи 42 репортажи и е една од серијалот објавени за Кочани. Во неа се поместени написи, записи и случувања поврзани со луѓе, настани и места од Кочани и кочанскиот крај. Втората книга „25 години Македонско културно друштво Илинден Јесенице“ го содржи историскиот пад и развој на ова македонско културно друштво на македонците кои од 60-тите години пристигнале во Јесеници, па се до денес. Во неа го сликам растежот на македонското културно друштво, претставено низ четирите генерации, истакна авторот Герасимов.
Книгите се од голема важност за Кочани, бидејки во секоја од нив е запишана историјата на Кочани, презентирајки и осврнувајки се на историски факти и податоци од различни области во секоја книга посебно.
-Третата книга е посветена на Д-р Стојан Николиќ, човекот кој сиот свој живот од доаѓањето во Кочани во 1924 година па се до неговата смрт го посветил на овој град, на луѓето во него, но и на една многу благородна мисија, искоренувањето на маларијата во овој крај. Во книгата се содржани документи и фотографии и автентични записи на Д-р Стојан Николќ, кои во изминативе години ни ги преотстапија членовите на неговото семјество за што искрено му благодарам на неговиот син и на неговите потомци, додаде Герасимов.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов