Во Библиотека „Искра“ промовирано делото „Зборува Радио Кочани…“ од Киро Герасимов

Во ЈОУБ „Искра“ – Кочани вечерва пред кочанската јавност, во преполната сала на библиотеката беше промовирано делото, „Зборува Радио Кочани…“, од пензионираниот новинар и роднокраен автор, Киро Герасимов.

Преку делото „Зборува Радио Кочани“ хронолошки е прикажан настанокот на првиот медиум во градот и во него се поместени информации и фотографии од настанокот на радиото и сеќавања на многумина кои со години биле дел од Радио Кочани. Авторот Герасимов преку свои лични сеќавања се навраќа на неговите почетоци во новинарството, најпрвин како новинар во Радио Кочани, а потоа и како телевизиски новинар.

– Во книгата е содржан педесетгодишниот растеж на Радио Кочани, почнувајки од донесувањето на првиот радио-предавател, па до формирањето на Радио Кочани и емитувањето на првиот сигнал на радиото на 29 ноември, 1955 година. Радио Кочани е третта радио станица во Македонија, веднаш по Радио Скопје и Радио Битола. Овде сакам да истакнам уште еден куриозитет за радиото, во деведесетите години на минатиот  век, Радио Кочани стана првото радио кое направи сопствена телевизија. Токму тие параметри ме натераа материјалот кој го собирам четириесетина години да го преточам во книга која ќе им служи на идните генерации. Книгата е наменета за сите слушатели на Радио Кочани, истакна авторот Герасимов.

Промотори на книгата беа м-р Љубинка Ајтовска и м-р Љупка Стојменова кои дадоа краток осврт на публикуваното дело на авторот Герасимов.

– Радиото како медиум од средината на педесеттите до крајот на деведесеттите години на минатиот век имаше огромно значење во општествениот живот на нашата држава. Кочани имало една од првите радиостаници во Македонија. Герасимов во делото “Зборува Радио Кочани…” прави пресек на основањето и работењето на овој локален медиум, а донесува и бројни сеќавања на вработени и соработници на Радио Кочани. Ова е уште едно дело што ја надополнува огромната архивска граѓа што Герасимов ја остава на сегашните и на генерациите што доаѓаат, рече Љубинка Ајтовска, промотор на делото.

Книгата  “Зборува Радио Кочани…” е во издаваштво на печатницата „Европа 92“, со финансиска поддршка од Локалната самоуправа на Општина Кочани.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: