Согласно новите препораки и мерки за движење на граѓаните кои се донесени на последната Владина Седница, денес заседаваше кризниот штаб во Виница кој ги разгледа можностите за практично спроведување на националните мерки во локални рамки, но беа донесени и неколку одлуки на локално ниво.
Во Виница нема потврдени случаи позитивни на Ковид 19. Тестирања се спроведени на повеќе лица, но сите досегашни резултати до моментот на оддржување на состанокот се негативни. Во соседната општина Кочани расте бројот на новозаболени, а општата констатација на медицинските лица е дека просечната возраст на заболените е од 40-50 години.
Од Полициската Станица во Виница информираа дека во моментот 10 лица сеуште се во државен карантин, а тројца се пуштени дома, но и по излегувањето од државниот карантин, неопходна е уште 14 дневна самоизолација на овие лица заради опасноста од продолжено времетраење на инкубацијата. Во домашна самоизолација под надзор на Полицијата се 12 лица на територијата на општина Виница., – За непочитување на полицискиот час во општината поднесени се 12 кривични пријави, додека за прекршување на мерката за самоизолација поднесени се 4 кривични пријави;
Од Здравствен Дом –Виница информираа дека медицинскиот персонал ги прима само итните случаи, и дека до овој момент ги имаат на располагање неопходните ресурси за заштита на вработените благодарение и на неколку донации од приватниот сектор;
Кризниот штаб расправаше и околу можноста и условите за движење на земјоделците кои не се регистрирани, а кои имат стока или земјоделски работи на територијата на град Виница во периодот на полицискиот час, за што се очекува дополнителна одлука која ќе биде објавена на социјалните мрежи. Додека пак за земјоделците во селата останува да важи одлуката донесена на Влада за слободно движење во атарот на населените места согласно потребите;
Трудовиот инспекторат излезе со констатација дека производствените капацитети воглавно ги почитуваат мерките за дезинфекција и заштита на вработените, а околу движењето на работниците во време на полицискиот час, т.е одење и враќање од втора и трета смена на работа, дозволи со соодветен печат и архивска заверка треба да издаваат работодавците, а не инспекторатот;
Општина Виница во соработка со ЈП “Солидарност“ ќе преземе мерки за дезинфекција на сите возила на влезовите од кај Кочани и Берово . – Да се упати апел до сите институции кои работат со луѓе (банки, пошта, маркети) да го организираат влезот и излезот на граѓаните, за да не се создават непотребни гужви (општа констатација е дека не се почитува неопходното растојание меѓу граѓаните кои чекаат);
Полицијата почесто да ги обиколува фреквентните места во градот (со акцент на Градскиот пазар) каде непотребно се групираат луѓе, и да презема соодветни мерки за разбивање на ваквите собири кои ја надминуваат дозволената бројка, но и не го почитуваат дозволеното растојание; – За сите дополнителни мерки и препораки од Кризниот штаб, граѓаните ќе бидат благовремено информирани.